ОДГОВОРНА ИДНИНА
Текстот беше објавен во 33. број на „Лице в лице“
Со колку нови парчиња се подновивте за следнава сезона?
Без облеката сме голи. Во буквална смисла, но и гледано низ метафорична призма. Таа е суштествена потреба и интегрален дел од идентитетот на секоја индивидуа. Од друга страна, зад неа стои огромна индустрија, која е вториот по големина светски загадувач.
Некои луѓе се залагаат за органски памук и одржлива мода, други критикуваат колку овие парчиња се скапи, некои се залагаат само за винтиџ гардероба. Но, не треба ли да се поддржат и дизајнерите во нивните напори да бидат еколошки?
Моќта е кај потрошувачите
Технологијата за производство на облека не е драстично променета и модернизирана во последниве 50 години. Зошто? Затоа што трудот (експлоатацијата) е сè уште поевтин од иновацијата. При создавањето на една обична маица таа мора да помине низ „неколку раце“. Памукот од полето е најчесто посеан, одгледуван и набран од човек. Потоа, конецот е измиен, обоен, вртен на предиво и ткаен (најчесто, од машина, но, сепак, управувана) од човек. Кроењето и шиењето е направено од човечка рака. Пакувањето и транспортот, поставувањето на закачалка е од неколку луѓе. Помислете на целиот овој синџир од луѓе. Прашајте се за колкава сума работеле сите тие, ако вие сега в раце ja држите таа маица и размислувате дали да ја купите за 300 денари.
Потрошувачите имаат моќ да ја променат модната индустрија, но повеќето не размислуваат за тоа. Познат е изразот „тие што купуваат не се грижат, а тие што се грижат не купуваат“. Бојкотирањето на модните марки не помага да се реши проблемот. Пратете им порака, пишете на „Твитер“, упатете им коментар на „Инстаграм“, кажете им што треба да променат.
Да се биде одржлив моден потрошувач е многу полесно отколку што мислите.
Како да знам што да купам?
Не постои универзален моден систем за означување и нема начин да се споредат марките една со друга, без сеопфатен сертификат и речиси никаква транспарентност. Одредена марка може да има сертификат за целата марка (Fair Wear) или за одредени продукти (GOTS). Но, за малите марки, кои работат одржливо, овие сертификати се најчесто прескапи.
Не постои совршено одржлива модна марка!
На веб-страницата rankabrand.org или апликацијата „Good on You“ може да ги видите марките што вложуваат напори да ја подобрат својата одржливост. На својот прелистувач можете да ја додадете и апликацијата „Done Good“, која ќе ви честита за изборот додека купувате преку интернет или да ве насочи кон одржливи и етички алтернативи, па и да ве поврзе со марката за да им пишете порака.
Трендот на одржлива мода е во ек. Модните марки се приклучуваат кон глобалните гиганти да ги усвојат зелените иницијативи за доброто на животната средина. „Гринипис“ успешно ги убедува марките да ги отстранат токсичните хемикалии, „Canopy“ ги зачувува загрозените дождовни шуми од акциите за добивање вискозна ткаенина, а NRDC се обидува да ги исчисти синџирите на снабдување.
ЕКОМАРКЕТИНГ
Додека пазарувате се сретнувате со најразлични зборови што имаат различни импликации. Сите тие, освен фер трговија (fair trade) немаат правна дефиниција, па марките ги користат и за маркетинг. Еве мало дообјаснување:
ЕТИЧКИ (ethical)
Ознаката етички се користи доколку не се повредени животни при создавањето на производот или работниците се третирани со почит, фер плата и безбедни работни услови.
ФЕР ТРГОВИЈА (FAIR TRADE)
Бизнис со „потврда“ за правично тргување.
ВЕГАН (vegan)
Марката не користи материјали од животинско потекло, но најчесто користи вештачки, „пластични“ алтернативи.
ЗЕЛЕНА (green)
Зелен бизнис е општ термин што го користат компаниите за да имплицираат одржливост, но тоа е без гаранција дека компанијата ја следи добрата практика.
ОДРЖЛИВ (sustainable)
Одржлив опишува систем што не ѝ штети на животната средина. Компанијата може да користи обновливи или рециклирани материјали, бои што не штетат на околината.
Една третина од работоспособното население работи во 500 текстилни компании во земјава!
Текстилната индустрија во Македонија е индустриски сектор со долга традиција и искуство. 27 проценти од целото работоспособно население во земјава работи во 500 текстилни компании. Од производството на облека во Македонија, околу 16.600 тони годишно е текстилен отпад, што претставува околу три проценти од цврстиот отпад до земјата. Поголемиот дел од него се согорува на депониите со што се предизвикува загадување на животната средина.*
Затоа, биди (само)свесен!
Погледнете што се крие во заднината на излозите и на каталозите на омилените модни марки. Проширете ги видиците и научете нешто повеќе за луѓето што ги создаваат вашите парчиња облека. Пронајдете значење во тоа што го носите. Ова не подразбира губење на трката или жртвување на вашиот моден стил. Тоа е освојување на филозофија што ќе ве претвори во совесен граѓанин.Човек што ја цени облеката и паметно инвестира во долготрајни парчиња поддржувајќи ги дизајнерите на кои етиката и транспарентноста им се во јадрото. Нека тие ве инспирираат, охрабруваат и мотивираат.
*податоци од Државен завод за статистика, 2011та година.