Иницијатива за шивачка работилница во КПУ Идризово: инфо за донатор(к)и

Драги донатор(к)и,

Со голема среќа и благодарност ви се обраќам, бидејќи вашиот придонес и доверба се од непроценливо значење за оваа иницијатива. Благодарение на вашата поддршка, веќе започнав да набавувам работни материјали, а значајна е и поддршката и интересот од медиумите да го прошириме кругот на луѓе и (надежно) компании кои би сакале да се вклучат и да помогнат.

Следниот важен чекор е работилницата што ќе ја организираме во првата недела од февруари, работилница за везење, на која ќе бидат поканети сите ~85 жени во одделението. Ќе видиме кои од нив се заинтересирани за учество, сакаат да работат и направиме група од 10-15 учеснички, кои ќе бидат дел од почетната обука.

Во затворот има просторија која би сакале да ја адаптираме во шивачка работилница. Меѓутоа, во моментов сме во исчекување на одобрување од затворската полиција која повремено ја користи, за да ја добиеме и официјално. Целиот процес се одвива бавно поради официјалните процедури кои мора да се почитуваат, но сме оптимисти дека ќе успееме.

Дел од вашите средства ќе бидат искористени за реновирање (макар и само молерисување), соодветно осветлување и опремување на таа просторија. Се надевам во меѓувреме и некоја општествено одговорна компанија ќе пројави интерес и сака да помогне во тој дел.

Иако нема да сум во можност да споделам фотографии од работилницата поради забраната за користење на мобилни телефони внатре, ветувам дека тука ќе информирам за секој нов чекор и развој.

Се надевам дека заедно ќе постигнеме многу и ќе направиме разлика во животите на овие жени. Многу сум среќна што со вашата поддршка можеме да покажеме дека и индивидуалците со здружени донации може да направат промени во заедницата.

Благодарност,
Ирина

1.02.2025

Бирократските процедури со затворот одат многу бавно, иако донациите веќе пристигнуваат на моја адреса. Поради ова, закажав состанок со директорот на Управата за извршување санкции кој е одговорен за сите затвори во државата, со надеж дека ќе успееме да ги забрзаме работите и добиеме побрзо одобрување за просторијата.

Пред два дена објавив и повик за донации на машини во Facebook групата ‘Дај не фрлај’, и за само 2 часа добивме ветувања за 5 домашни машини. Една професионална машина веќе ни е ветена од фабрика во Штип, но струјата во објектот не е сигурно дали ќе може да ги издржи професионалните машини, па одлучив првично да работиме со домашни машини. Две оверлок машини ни ги обезбедија и доставија „Донирај компјутер“ преку нивната мрежа на поддржувачи. Текстилните материјали и дел од конците исто ги обезбедивме преку донации. Сето ова овозможува најголем дел од средствата што досега ги собравме да можам да ги вложам во реновирање и адаптирање на просторот, за да создадеме пригодни услови за работа.

Во четврток и петок се планирани и првите работилници за везење со жените, со кои ќе ги мапираме оние кои имаат највеќе волја и интерес да станат дел од тимот.

Интересот од медиумите е сè уште голем, што ми помага да ја подигнеме свесноста за иницијативата, но сè уште нема повик за финансиска поддршка од општествено одговорни компании.

7.02.2025

Драги донатор(к)и,

Неделава имам одлични вести и напредок во иницијативата! Официјално добивме просторија во која ќе ја поставиме шивачката работилница и ги одбравме жените кои ќе се вклучат. Добив и ветување дека бирократските процедури ќе се забрзаат, јеиј.

Организиравме три успешни работилници за везење. Првите две привлекоа голем интерес, и веќе одбрав „матица“- жена со огромно искуство и знаење која ќе ги обучува останатите за везење. Благодарение на вашите донации, таа ќе добие и паричен надоместок за својот труд. Тие започнаа да работат на илустрациите, а јас во меѓувреме подготвувам туторијали за различни видови бодови и вежби кои треба да ги совладаат.

Третата работилница беше наменета за жените од отвореното одделение кои ќе можат да работат во шивачката работилница. Просторијата што ја добивме е во многу подобра состојба од очекуваното, но пред неа има уште една просторија со проблем со влага, па сега бараме најсоодветен под кој заради овој проблем е откорнат.

Што се однесува до машините, добивме многу најави за донации, а добивме и втора професионална машина преку хуманитарната организација Свети Спас. Една од жените имала искуство во фабрика и ќе може да ја користи таа машина. Од граѓаните добивме мноогу материјали, а ентузијазмот и желбата за работа кај сите е огромен.

Сите жени изразија благодарност за можноста што им е дадена, и сите се возбудени што времето ќе им биде исполнето со нови вештини и креативни проекти.

До следните новости,

Ирина

You don't have permission to register

Select your currency
EUR Euro