Скопје, 04.11.2014 год.- Објавен е моден едиторијал за новата колекција „Зебра“ есен/зима ‘14/’15 на етаблираната модна дизајнерка Ирина Тошева.

Фотографиите се на модниот фотограф Миладин Паповиќ, шминката на Виктор Мирчевски, фризура на Studio Allure, модели се Елена Гугоска, Сара Миленковска и Вања Трампевски. Едиторијалот е реализиран во соработка со Македонската опера и балет, а со поддршка на My:Time објавен е и во форма на печатен каталог со графички дизајн на Кристина Манчева.

Колекцијата низ 13 изгледи за мажи и жени изработени од памук, сомот и волна, говори за динамичната џунгла од бетон во којашто живееме и нејзиното влијание на нас. Креативниот концепт носи порака да погледнеме подалеку и да сфатиме дека и урбаното е дел од еден поголем систем, дел од природата.

„Успеавме да ја пренесеме пораката на колекцијата низ фотографиите. Моделите се во контраст на нивната линеаrна околина. Работевме на концептот повеќе од два месеци.“ – изјави фотографот Паповиќ.

„Зебрата е всушност пешачки премин. Ја користам како симбол на промена и индивидуалност. Едиторијалот повикува да не ја заробиме нашата природа.“ – појаснува дизајнерката Тошева. Сите детали во едиторијалот се внимателно обмислени. „Го анализирав милозливиот, а сепак горд поглед на заробените животни“ – Виктор Мирчевски го објаснува концептот за шминката.

Колекцијата „Зебра“ беше претставена во рамки на Модниот викенд Скопје и Fashion Week Serbia. Колекцијата е достапна во: Lotus Design Store на вториот кат во Skopje City Mall; интернет продавницата bastetnoir.com; и ателјето на Ирина Тошева.